ФК Охрид лесно стигна до нови три бода на домашен терен против кичевски Влазерими. Охриѓани, уште од самиот почеток на натпреварот жестоко нападнаа на противничкиот гол и добрата игра ја крунисаа со погодок во 14 минута од страна на Нически. После неколкуте неискористени шанси во првото полувреме, на одмор се отиде со предност од само еден гол. Во второто полувреме „рибарите“ продолжија со добра игра и напади кон противничкиот гол. Во 66 мунута, после добро нафрлената топка од страна на Бакулески, капитенот Клечкароски го постигна вториот гол за Охрид со што се постави конечниот резултат на овој натпревар. „Белите“, кои во меѓувреме ги направија трите замени, натпреварот го завршија со десет играчи откако во 75 минута, после тешката повреда на раката, фудбалерот Гредоски беше изнесен од теренот со амбулантно возило. Оваа повреда ќе го оддалечи младиот дефанзивец од теренот 4-6 недели.